Пачковски се врати во Келце: Можеби тој е нашиот талисман за нова титула во ЛШ

Келце потврди дека Павел Пачковски ќе ги брани боите на овој тим до крајот на сезоната.

Пачковски после ситуацијата со клубовите од Белорусија како и останатите странски ракометари го напушти Мешков Брест. За Келце тој ќе има право да настапува и во Лигата на шампионите.

Ракометарот истакна задоволство поради враќањето во редовите на полскиот клуб.

„Мило ми е што се вратив во Келце. Мислам дека ова е судбина затоа што до неодамна ништо не најавуваше дека може да се случи вакво нешто. Ќе дадам се од себе да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели“, изјави Пачковски.

Трансферот на Пачковски го коментираше и претседателчот на клубот Бертус Сервас.

„Павел се доведе во ситуација да остане без клуб не по негова вина, тој е наш играч и ние не можевме да не реагираме. Верувам дека ќе ни биде од голема помош. Тој е единствен наш ракометар кој играше во финалето во 2016 година. Можеби тој е нашиот талисман“, изјави Сервас.

Келце како првопласиран од својата група веќе обезбеди место во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а таму ќе игра против подобриот пресметката помеѓу Порто и Moнпелје.