Паунов: Со многу труд стигнавме до целта, се гледаме и следната сезона во Суперлига

Составот на Радовиш славеше на гостински терен против КЛ7 со 23-24 во најинтересниот натпревар од 13. коло во Суперлигата.

Еден од најзаслужните за победата на избраниците на Андон Бошковски беше и голманот Славјан Паунов, кој собра 13 интервенции, а многу од нив беа и од чисти ситуации.

Секогаш скромен, Паунов не сака да се става себе во преден план и вели дека оваа серија без пораз е заслуга на сите.

„Сакам да им честитам на сите мои играчи за борбеноста и на КЛ7 кои се бореа до крај, но на крајот среќата не послужи нас. Со многу борба и труд, моравме да стегнеме заби, со сите сили игравме во последните натпревари, а овој последниот беше да не биде или не. Ја остваривме целта. Момците од КЛ7 покажаа одлична игра, но и ние заслужено победивме. Тренерот Бошковски исто така внесе нова енергија во тимот. Имаме полесен дуел со Астраион и се надевам дека ќе немаме проблеми, се надевам дека ќе се гледаме во Супер лига и следната сезона. Зависи и од мечот меѓу Тиквеш и Прилеп дали ќе бидеме втори или трети и ќе имаме директен опстанок или ќе играме бараж. “, вели Паунов за 24Ракомет.

40-годишниот голман долги години е дел од Суперлигата, а освен за Радовиш играше и за Тиквеш и Овче Поле, но не е многу експониран низ медиумите.

„Веќе седма сезона сум дел од Радовиш, тоа е мојот дом, иако сум по потекло од Кочани. Понуди секогаш имало и од други клубови, но овде се чувствувам убаво и нема зошто да ја менувам средината. Се надевам дека и следната сезона ќе бранам во Радовиш, но да почекаме уште еден меч и да заврши сезоната, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, заврши Паунов.