Панов: Кога тргна сè добро, челниците на Кометал почнаа да се мешаат

Тренерот кој останува запишан засекогаш во историјата на македонскиот клупски ракомет, Александар Панов во моментов има 74 години и е надвор од ракометот. Повеќе не работи, а за рускиот handballfast.com вели дека уште се сеќава на деновите кога со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година ја покори Европа.

Вели дека уште чува касета од пречекот, но има и еден друг момент за кој зборува во интервјуто за медиумот од Русија.

„Кога работите почнаа да одат добро тогаш челниците на Кометал почнаа да се мешаат во работите во тимот. Таму каде што сè оди одлично, сите мислат дека е толку лесно… Како да се работи за нешто специјално, кое можеме сите да го направиме самите. Специфичноста кога работите во странски клуб е дека директорот ви вели: ‘Зошто не му давате шанса на овој играч? Тој или таа треба да игра повеќе’. Од друга страна и спонзорот ве прашува: „Зошто влезе во игра толку малку?’ Меѓутоа, дали ти е потребен тим кој ќе победува или треба одредени ракометари или ракометарки да играат? Тогаш подобро седнете вие на клупата и водете го самите“, вели Панов, кој со ова како да сака да објасни која беше причината што веднаш после освојувањето на круната си замина од Скопје и не ја продолжи соработката со клубот кој беше на врвот на Европа.

Панов објаснува и дека имал понуда од Хипо, но дека не сакал таму поради најомразениот лик во Скопје и во Македонија пред две децении, Гунар Прокоп.

„Имав можност да отидам во Хипо, но не го направив таму. Со таков шеф како Гунар Прокоп не би можел да работам. Шалимова постојано ми се јавуваше, но јас постојано и одговарав исто: ‘Тања, не можам да се занимавам со луѓе кои се мешаат во работата. Или јас сум главниот или е некој друг. Јас сум максималист. Додека работев како тренер секогаш сакав да работам самиот сè. Самиот држев тренинг за голманите, самиот за одбрана за напад…“, вели Панов, кој во вториот претстој во Скопје ги склопи сите коцки и дојде до посакуваниот успех.

После ова Кометал Ѓорче Петров имаше уште неколку успешни сезони. Во 2005 година играше во уште едно финале, но не успеа да го повтори успехот, па во 2008 година дојде до разделба со спонзорот и најава за згаснување.