ОХРИД 2023: Еурофарм Пелистер го победи Олимпијакос и слави трофеј на „Крсте Андоновски“

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го наследи Тиквеш, откако го освои првото место на второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Пелистерци триумифраа во финалето против грчкиот Олимпијакос со 30-27 и покажаа дека се на вистински пат пред стартот на домашното првенство и Лигата на шампионите.

Грчкиот тим отвори подобро и влезе со водство од три гола, 5-2 на стартот на мечот. Битолчани не дозволија уште повисока негатива, па набрзина израмнија на 6-6 преку одличниот Костески.

Не само што израмнија, туку во продолжение избраниците на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски направија позитива од шест гола, 14-8. Грчкиот тим немаше многу идеја во нападот, па битолчани ги казнуваа сите грешки.

Имаше мал пад во играта на македонскиот шампион во финишот на полувремето, па предноста од шест гола беше преполовена од шест на два. На пауза се замина со 16-14 за пелистерци.

ФИНАЛЕ – Еурофарм Пелистер vs Олимпијакос

На стартот на второто полувреме Еурофарм Пелистер врати водството од четири гола, 18-14, а во продолжение таквата разлика варираше од три до пет, кога Василев погоди од контра за 23-18.

Грчкиот тим не се откажуваше и намали на 24-21, но пелистерци успешно се одбрани во следните два напади и Костески и Цехте ги вратија безбедните плус пет, 26-21, на десетина минути до крајот.

Имаа еден напад Грците за минус два, но не го реализираа, па следуваше казна од пелистерци. Сепак Олимпијакос даде гол за минус два, 29-27 на триесетина секунди до крајот, но немаше време за нешто повеќе од чесен пораз. Битолчани на крајот прославија трофеј што сигурно ќе им даде мотив плус пред стартот на домашното првенство и ЛШ.
.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.