Охрид не виде мака со Куманово

Тимот на Охрид, кој настапи без Ончев, им се врати на победите во Суперлигата, откако во СРЦ „Билјанини Извори“ славеше над Куманово со убедливи 32-17. Победникот беше решен уште по дваесетина минути кога избраниците на Горан Андоновски направија предност од седум гола.

На стартот погодија крилата Чејовиќ и Андоновски за 2-0, но кадетскиот репрезентативец Даневски со два гола по ред израмни на 2-2 по пет минути игра. Оттогаш Кумановци, кои играа без двата ударни бека Мрвовиќ и Петковски, влегоа во „црна дупка“.

Не постигнаа гол дури 15 минути. За тоа време домашните, кои беа предводени од одличниот Цинцадзе на голот, ги казнија сите грешки. Постигнаа лесни голови за 9-2, а до крајот на полувремето охриѓани ја задржаа предноста за 14-7 на пауза.

На стартот на вториот дел кумановци продолжија по старо, не можеа да постигнат погодок десет минути, за тоа време Охрид поведе со 20-7 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот.

Стратегот на Охрид, Горан Андоновскки, им даде шанса на ракометарите што имаа помала минутажа досега. Во првиот дел играше Кастратовиќ, во вториот во игра влезе и Шипинкоски имаше неколку добри асистенции кон Тасески, на голот застана Василевски, а заиграа и Наумоски и Бошковски.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тасески со седум и Озтурк со четири гола, додека кај Куманово, Бошковски, Тасевски, Миладиновски и Даневски стрелаа по три пати.