Охрид без многу проблеми против Струга, ќе има скопски ривал за место на Ф4 во Купот

Ракометарите на Охрид се пласираа во финалниот двобој од групата Г во Купот на Македонија, откако славеа против големиот ривал Струга со 17-22. Избраниците на Раде Стојановиќ ќе играат со победникот од дуелот меѓу Бутел и Јуниор КВ за место на завршниот турнир.

Почетокот на натпреварот им припадна на условно гостите на овој натпревар. Охрид отвори со водство од 0-3 преку Соколов и Николов, а беше и 3-6. Стружани во продолжение успеаја да намалат на 7-8, но седум минути не успеаја да погодат ниту еднаш во голот на Даниловски.

Нивните грешки беа казнети на спротивната страна и Охрид замина на пауза со предност од плус четири, 7-11.

Вториот дел го отворија охриѓани со гол, 7-12, а потоа Струга успеа во два наврати да намали на минус два. По 11-13, избраниците на Наум Танески како да застанаа, му дозволија на ривалот да се одлепи на 11-16 и до крајот само рутински да ја доврши задачата за триумф 17-22.

Најдобри стрелци во тимот на Охрид беа младите крила Ристески и Костов, со седум односно четири погодоци, додека кај Струга се истакна искусниот Николиќ со четири гола.

Куп на Македонија, четвртфинални групи, распоред:

група А
Еурофарм Пелистер 2 – Металург 26-29 (ИЗВЕШТАЈ)
Работнички – КЛ7 33-31 (ИЗВЕШТАЈ)
Металург – Работнички

група Б
Пролет – Прилеп 34-25
Младост Богданци – Еурофарм Пелистер 21-33
Пролет – Еурофарм Пелистер

група В
Вардар – Тиквеш 42-24 (ИЗВЕШТАЈ)
Астраион – Радовиш 24-39 (ИЗВЕШТАЈ)
Вардар – Радовиш 35-32 (ИЗВЕШТАЈ)

група Г
Бутел Скопје – Јуниор КВ 32-26
Струга – Охрид 17-22
Бутел Скопје – Охрид 21-19