Прв интернационален предизвик: Милан Лазаревски потпиша за Тримо Требње

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски во продолжение од сезоната ќе го има својот прв интернационален предизвик. Како што најави 24Ракомет пред неколку недели, повремениот репрезентативец на Македонија потпиша за Тримо Требње ии до крајот на сезоната ќе игра во Словенија.

Словенците го бараа Лазаревски да мине неколку денови со нив, тренерот Урош Зорман беше задоволен од прикажаното на тренинзите на македонскиот пикер, па веднаш беше договорена соработка.

Лазаревски е дете на Металург, има настапувано само во Автокоманда, а освен Тримо, за неговите услуги беа заинтересирани уште неколку македонски суперлигаши.

Уште лани имаше понуди за странство, но за нисколигаши во Шпанија и Португалија. Тогаш остана во Скопје и продолжи да настапува за Металург, но сепак сега се реши да се обиде во странство. Во словенечкиот тим, пикерот ќе има македонско друштво, бидејќи таму настапува левиот бек Тоше Ончев.

Лазаревски настапуваше и за младинската репрезентација, а има и неколку настапи за сениорите. Тој е последниот на листата што си замина од Металург, откако претходно тоа го сторија сите интернационалци – браќата Њокас, Мане, Озтурк, Рибеиро, како и дел од македонските ракометари и тренерот Марковски.

Металург останува без Лазаревски – пивотменот може да замине во странство