Металург останува без Лазаревски – пивотменот може да замине во странство

Кружниот напаѓач на Металург, Милан Лазаревски, би можел наскоро да го има својот прв интернационален предизвик. Повремениот репрезентативец на Македонија, неколку денови беше на тренинзи со словенечкиот Тримо Требње.

Словенците го бараа Лазаревски да мине неколку денови со нив, да тренира за да видат дали може и колку би се вклопил во нивниот тим и концепција. Одлуката за тоа дали ќе потпише Лазревски со словенечкиот тим предводен од легендарниот Урош Зорман, ќе биде донесена за неколку дена.

„Сакаме да се засилиме, и за Лазаревски имаме слушнао само пофални зборови. Го повикавме да мине неколку денови со нас, да направи неколку тренинзи. Имаме уште неколку играчи во комбинација, па ќе видиме кој од нив ќе добие понуда за договор, ни изјавија од словенечкиот клуб.

Лазаревски е дете на Металург, има настапувано само во Автокоманда, а освен Тримо, за неговите услуги се заинтересирани уште неколку македонски суперлигаши. Уште лани имаше понуди за странство, но за нисколигаши во Шпанија и Португалија. Тој реши да остане во Скопје и да продолжи да настапува за Металург.

Пикерот, настапуваше и за младинската репрезентација, а има и неколку настапи за сениорите. Металург има проблеми со играчкиот кадар и со финансиите. Пред стартот на сезоната заминаа браќата Њокас, а во текот на оваа полусезона заминаа уште неколку други играчи.

Сепак и покрај тоа, тимот останува во борба за едно од местата што водат во разигрувањето за титулата. Но, беспарицата е најголем проблем во моментов за тимот од Автокоманда и доколку набрзо не се најдат пари може да се случи да има уште заминувања од тимот.