ОФИЦИЈАЛНО: Близнаците Њокас потпишаа за Металург!

Тимот на Металург денеска ги промовираше двете нови засилувања со кои потпиша договор – француските интернационалци Кевин и Оливие Њокас. Двајцата близнаци се согласија на двегодишна соработка со тимот од Автокоманда, кој најавува големи амбиции за следната сезона.

Тренерот на Металург, Иван Марковски го истакна задоволството од идната соработка со двајцата Французи.

„Задоволство од ангажирање на два врвни играчи во името на Њокас и атак на високи цели… Нивното ангжирање порака дека Металург е жив и ќе се врати каде што припаѓа. Плус и за клубот, но и за македонскиот ракомет воопшто со искуството кое ќе го донесат“, кажа Марковски.

Оливие во последните пет сезони игра на позицијата лев бек во француски Нант, претходно беше дел од бундеслигашот Балинген, француски Кретеј и шпански Алкобендас. Професионалната кариера ја започна во редовите на ПСЖ, а потекнува од школата на Монтгерон. Има 32 настапи и 69 гола за француската репрезентација и златен медал од Светското првенство во 2017 година во Франција и сребро од Олимписките игри во Рио во 2016 година.

Кевин последниве три сезони игра во португалска Бенфика, на позицијата десен бек. Професионалната кариера ја започна во редовите на ПСЖ, од каде што премина во Кретеј, а потоа играше за бундеслигашите во Гепинген и Гумерсбах. За француската селекција има 41 настап, 57 постигнати гола, два златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП во Катар во 2015 година.