Отказ за Прокоп, Германија веќе има нов селектор

После слабите резултати на последните големи натпреварувања, раководството на Ракометната федерација на Германија одлучи да ја прекине соработката со Кристијан Прокоп и да му врачи отказ, па во иднина ќе има нов селектор. На клупата официјално од утре седнува добро познатиот стратег од Исланд, Алфред Гисласон, кој имаше огромни успеси со тимовите на Магдебург и Кил.

Гисласон беше селектор на Исланд од 2006 до 2008 година кога во исто време беше тренер и на Гумерзбах. Претходно од 1999 до 2006 година беше дел од Магдебург со кој освојуваше трофеи, а потоа од 2008 до 2019 година седеше на клупата на Кил.

Се работи за стратег кој има 60 години и кој одлично ги познава ракометарите од Германија така што ќе биде големо засилување на клупата на бундес состав и се очекува од него да го врати сјајот на репрезентацијата која никако да заличи на онаа селекција која беше под водство на Хајнер Бранд.

„Донесовме тешка одлука, но после големо разгледување на резултатите и анализа. Моравме да преземеме ваков чекор. Му се заблагодаруваме на Кристијан прокоп за сето она што направи за репрезентацијата на последните големи натпреварувања. Одлучивме да му дадеме доверба на Гисласон кој со своето долгогодишно искуство и успеси сметаме дека ќе донесе свежа енергија во националниот тим“, вели претседателот на Ракометната федерација на Германија, Андреас Мишелман.

Претставувањето на Гисласон се очекува да биде направено утре во Хановер.