Ончев го однесе Тримо во четвртфинале во Купот на Словенија

Ракометарите од Македонија, Тоше Ончев и Милан Лазаревски, кои настапуваат за Тримо Требње, имаа голема улога во победата на својот тим против незгодниот состав на Рико Рибница.

Екипата на Тримо Требње триумфираше против Рико Рибница со три гола разлика, 33:30, во натпревар од осминафиналето од Купот на Словенија и со победата обезбеди пласман во четвртфиналето.

Избраниците на Урош Зорман на полувреме имаа солидна предност од плус седум позитива, 18:11. Победникот веќе беше познат при резултат од 21:12 во 35. минута.

Меѓу најефикасните стрелци на овој натпревар беше левиот бек, Тоше Ончев со седум постигнати погодоци. Поранешниот пикер на Металург, Милан Лазаревски двапати се запиша во листата на стрелци и одигра солидно во одбраната.