Ончев, Гакидова и Величковска обезбедија следна фаза во Купот на Франција

Во Франција за време на ЕХФ неделата се играше 1/32 финалето во машкиот Куп, како и 1/16 финалето во женскиот Куп.

Гренобл на Марко Мишевски, кој имаше репрезентативни обврски со Македонија, загуби кај Анеси со 28-27, додека елиминиран беше и составот на Александар Ангеловски, Белфорт, кој загуби од Сарбурж со 35-31, а Македонецот даде еден погодок.

Составот на Вернон, каде што игра Тоше Ончев, славеше на гости кај Савињи со 25-29, а нашиот бек постигна два гола, додека Анжер на Дарко Георгиевски Оса игра денеска на домашен терен против Ланесте

Во женска конкуренција, Стела Сен Маур на Ивана Гакидова дома го победи составот предводен од Иван Марковски, Ле Самр Авенуа, со убедливи 28-20, а репрезентативниот пикер имаше два гола.

Тимот на Пужен, каде игра Габриела Величковска, беше за гол подобар од Клермон со 29-28, а македонската интернационалка беше најдобра на теренот со осум погодоци.

Во следните фази од машкиот и женскиот Куп, се приклучуваат и најсилните екипи во Франција, а ждрепката ќе се одржи следната седмица.