ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Секоја чест шампиони, фала ви за сè!

Mи требаше малку време да го апсолвирам натпреварот меѓу Вардар и Келце минатата сабота. Беше нешто што не сме виделе до сега (а додека го пишувам ова сфаќам дека тоа многу често го кажувам кога е Вардар во прашање). Игра со четири крила!

Поддршката од публиката беше на нивото кое Вардар го заслужува. На самиот почеток беше и дочекот на Карачиќ, сега во дрес со друга боја. Сме ги виделе таквите моменти и претходно, нормално е некој да смени дрес, ама за него – мозокот не може никако да прифати дека не е во нашиот тим. Мислам дека мнозинството навивачи на Вардар го чувствуваат истото.

И тој самиот си призна дека му било тешко да игра вечерта. А и како не би му било, сигурно му одело да ја подаде топката на Столе, на Тимур, на Шишкарев… Се надеваме дека во скоро време ќе се врати каде што припаѓа, најдобро му стои црвено-црната!

Кога сме кај играта, Криштопанс очигледно не можеше да ризикува, а не играше ни Дисингер. И така, без бекови, ние игравме со СИТЕ четири крила во игра – речиси цела утакмица. Изгинаа на теренот. Ми се чини дека нашата „бековска“ линија беше некои 30 сантиметри пониска од нивната, и им парираше. А дали го гледавте Столе? Душа му излезе на двете страни од теренот. Некаде при крајот на натпреварот се гледаше страшен грч на неговото лице и јасно беше дека игра со мака, ама издржа. Токму затоа тој е нашиот (народен) херој!

Е сега, непријатната страна на медалот, нормално дека во такви услови се очекуваат голови на празна мрежа. Не проверив дали Блаж Јанц излезе најдобар стрелец на натпреварoт, ама мислам дека не даде ниту еден гол преку голман. Тоа секогаш создава нервоза на трибините. Публиката се претвора во експерт (не негирам, и јас исто правам). А и предноста што ја создадовме во првото полувреме додека не се адаптираа на тактиката, ја снема, дури и поведоа.

И во таква атмосфера, се „налути“ Гедбане, влезе на терен и развали. Аууу, што убави одбрани извади, мислам дека му беше најдобар меч сезонава, ако не и откако е дел од Вардар.

Сепак, на крајот, со тешки маки се доигруваа последните минути и висеше резултатот до последно. На 12 секунди пред крај имавме нерешено и последен напад. Скубе не погоди. Ај што не погоди, се тешиш бар бод извлековме – кога нивниот голман шутира на наш празен гол и ако погодеше, ќе изгубевме. Спортската среќа беше на наша страна, па заврши без победник.

Искрено, за тој последен напад некако се надевавме дека ќе влезат бековите барем на неколку секунди. Но, едни се сознанијата на клупата, други на трибините. Салата овојпат некако побрзо од обично се испразни, а надвор летаа искри на сите страни, луѓе одат и објаснуваат тактики, стратегии, нервозни.

Откако преспавме, утешени со барем едниот освоен бод, почнаа да се враќаат сликите од натчовечката игра на оние неколку ракометари кои го понесоа товарот на овој тежок меч. Па, какви луѓе се овие играчи што играат во Вардар? Па, каква е таа сила што овој дрес им ја влева, што се претвораат во суперхерои? Секоја чест шампиони! Фала ви за се`!

ПИШУВА А.К.Н.