Одложен е кадетскиот ЕХФ шампионат: Нема ракомет во Македонија во август!

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација одлучи да ги откаже сите шампионати и првенства во младите категории што требаше да се одржат во јули и август.

Одложени се младинското Европско првенство во машка конкуренција што требаше да се игра во Австрија и Италиа, како и ЕХФ шампионатите во Летонија и Босна и Херцеговина. Во Летонија требаше да игра и младинската репрезентација на Македонија, а новиот термин за овие првенства веројатно ќе биде јануари 2021 година.

Исто така ЕХФ ги одложи и кадетското ЕП што требаше да се игра во Словенија, како и ЕХФ шампионатите во истата конкуренција Бугарија, Црна Гора и Македонија. Новиот термин за играње би требало да биде во јануари 2021 година, а одлуката за тоа ќе биде донесена во јуни.

По оваа одлука, веројатно и Светската ракометна федерација ќе ги откаже, односно ќе ги презакаже и Светските првенства во кадетска и младинска женска конкуренција, кои требаше да се играат во јули и во август во Романија и Хрватска.