Одложен дуелот меѓу Порто и Загреб!

Натпреварот од Лигата на шампионите меѓу португалскиот првак Порто на Никола Митревски и хрватскиот Загреб е одложен на неодредено време.

Овој дуел требаше да се игра утре во „Драгао Арена“, но „плинарите“ останаа заглавени во германскиот град Франкфурт и утре ќе се вратат дома.

Причините за тоа се техничките проблеми на аеродромот во Франкфурт, преку кој Загреб требаше да патува за Португалија.

Со оглед на краткото време да се стигне до конечната дестинација и во комунијацијата со ЕХФ, одлучено е натпреварот да биде одложен и да се презакаже за некој друг датум, а „плинарите“ ќе се вратат во Загреб.

В сабота тие ќе продолжат со дуелите од домашниот шампионат и во плеј-офот ќе се сретнат со Горица.