Ова е љубов кон татковината: Али Зеин без одмор – од Келн на Медитерански игри

Една од ѕвездите на репрезентацијата на Египет, Али Зеин, беше дел од екипата на Барселона и пред само неколку денови ја прослави шампионската титула во Лигата на шампионите.

Најголемиот дел од ракометарите после ваквиот успех си дозволија одмор, но не и египетскиот репрезентативец кој одлучи да се приклучи на својата репрезентација на Медитеранските игри без одмор.

Зеин после завршување на обврските со својот клуб Барселона, веднаш се упати за Оран во Алжир каде што се приклучи на националниот тим. Раководството на репрезентацијата му приреди дочек на аеродромот на освојувачот на титулата во ЛШ.

Египет се наоѓа на првата позиција на табелата со три победи на три меча во групата А на Медитеранските игри и обезбеди полуфинале.

По ова натпреварување, Зеин и Египет ги чека Африканското првенство од 11-18 јули, а потоа веројатно по само неколку дена одмор, ќе мора да се приклучи на подготовките на новиот клуб, романскиот Динамо Букурешт.