Обрадовиќ: Мислев дека во Брест е тмурно, но не е така…

Српскиот репрезентативец кој настапува во Мешков Брест, Немања Обрадовиќ во изјава за медиумите во земјата сподели впечатоци за неговиот претстој во Белорусија.

Тој го спореди Брест со земјите во кои претходно настапувал како Србија и Полска, а исто така кажа и што му се допаѓа во земјата.

„Белорусија ме потсеќа на мојата земја. Полска е дел од Европската унија, границите се отворени, градовите се помодерни и поразвиени. Има многу меѓународни компании и трговски центри, во Белорусија не е така, барем тука во Брест. Малку го знам Минск, одам само кога играме таму, и тогаш одам од хотел до сала. Сепак ми се допаѓа Брест има каде да се седне, има добри ресторани и кафулиња. Сега во оваа ситуација моето движење е ограничено од дома до сала и обратно“, рече Обрадовиќ.

Во моментите на криза заради коронавирусот Обрадовиќ живее сам, а исто така истакна и дека е позитивно изненаден од Брест.

„Сега живеам сам, сопругата замина за Србија да заврши некои обврски и започна паниката со коронавирусот. Потоа беа затворени границите и таа остана таму. Брест ме изненади само позитивно. Слушнав дека тука времето е тмурно и мрачно, но не е така. На улиците има многу луѓе и има многу сончеви денови. Храната е добра, многу слична како во Србија“, коментираше Обрадовиќ.