Норвешки бродолом ја оддува Локомотива, Есбјерг победнички низ Подгорица

Денес се одиграа два натпревари во Лигата на шампионите во женска конкуренција. Хрватскиот шампион Локомотива Загреб доживеа вистинско фијаско на гостувањето во Норвешка кај Сторхамар, откако изгуби со 24 гола разлика, 37:13, во натпревар од групата А.

Ракометарките на Сторхамар победата ја обезбедија уште по првото полувреме кое заврши со 15 гола разлика, 22:7.

Трите репрезентативки на Македонија во Локомотива Загреб, Андреа Седлоска, Сања Дабевска и Леонида Гичевска имаа минутажа во дуелот со норвешкиот вицепрвак. Дабевска и Гичевска постигнаа по еден гол, додека Седлоска не успеа да се запише во листата на стрелци.

Во споменатата А група, Есбјерг на гостувањето во Подгорица забележа сигурна победа со пет гола разлика, 28:23 (16:11). Данскиот тим во дуелот со црногорскиот шампион беше предводен од репрезентативката на Норвешка, Хејни Реиштад со десет погодоци. Во таборот на Бојана Поповиќ најефикасна беше Милена Раичевиќ со шест гола.