Нов репрезентативец во Алкалоид – на лето доаѓа и Михајло Младеновиќ

Новиот прволигаш Алкалоид каде соработуваат претседателот на РФМ и актуелниот селектор на сениорската репрезентација, полека собира се повеќе репрезентативци во своите редови. Се надеваат дека в година ќе играат во елитата, дали преку директен пласман или бараж, или пак со административно проширување на лигата, и младите играчи кои сметаат дека се иднина на македонскиот ракомет добиваат и понуда да дојдат во клубот.

Клубот е активен на трансфер пазарот и веќе ги прави првичните разговори со потенцијалните засилувања, а со дел се веќе завршени. Еден од играчите што веќе се договори и го стави потписот на договорот е македонскиот репрезентативец Михајло Младеновиќ. Тој беше дел од репрезентацијата, но поради коронавирусот остана во Скопје и не отпатува за Унгарија, но беше на завршните подготовки на репрезентацијата во Маврово и Скопје.

Младеновиќ веќе ги информирал луѓето во Охрид дека на лето заминува. Левиот бек веќе втора сезона е член на Охрид и е важна алка во составот предводен од Раде Стојановиќ. Претходно Србинот кој има македонски пасош настапуваше во Автокоманда за Металург 2 и за првиот тим на Металург. Беше дел и од младинската репрезентација на Македонија. На списокот на селекторот Лазаров за континенталниот собир имаше четворица играчи од Алкалоид, а тројца беа и на ЕП во Унгарија.

Клубот сезонава одигра 13 натпревари и се наоѓа на првото место во групата Б од Првата лига, со биланс од 12 победи и едно реми и 37 освоени бодови.

До крајот остануваат уште пет кола од регуларниот дел, а потоа ќе се играат уште десет кола со екипи од другата група. Алкалоид се надева дека директно ќе се пласира во Супер лигата, па нема да мора да се надева на бараж или административно проширување, иницијатива што веќе ја почнаа некои клубови и треба да заврши и да биде доставено барањето до Собранието на РФМ.