Нов Македонец во Кастриоти – потпиша Дарио Петровски!

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, кој минатата сезона го имаше првиот интернационален предизвик во дресот на Гвадалахара од Шпанија, во новата сезона ќе настапува за косовскиот суперлигаш Кастриоти Феризај.

Средниот бек од Битола што може да ја покрива и левата бековска позиција, на своја адреса имаше неколку понуди од клубови од Франција, Португалија, Израел, како и од Шпанија, но одлучи да му се придружи на тимот кој е предводен од македонскиот тренер Аце Станковски.

24-годишниот ракометар потекнува од школата на Еурофарм Работник, беше дел од првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, а кратко играше и за тимот на Струга. Во изминатата сезона со тимот на Гвадалахара го освоија првото место во Првата лига на Шпанија и обезбедија пласман во Асобал лигата.

Покрај Петровски, во новата сезона во Кастриоти ќе настапува и екс ракометарот на Вардар Јуниор, Работнички и Охрид, Кристијан Анастасовски. Кружниот напаѓач во косовскиот тим пристигна од францускиот второлигаш Анже.