Нов клупски рејтинг за 2021/22 – Македонија го задржува местото во машката ЛШ, но го губи во женската?

Во првата седмица од јули, Европската ракометна федерација ќе го објави клупскиот рејтинг на федерации за сезоната 2021/2022 и распределбата на местата во европските купови.

Од лани листата се прави посебно за Лигата на шампионите и Лигата на Европа (и посебно за најслабиот ЕХФ Куп, поранешен Челинџ). Македонија котираше високо во рејтингот за претстојната сезона 2020/2021 и во машка конкуренција беше на 3 место, додека кај дамите беше на 8 место. Во машка конкуренција за престојната сезона Македонија имаше директно место во групите (ТОП 9), а исто така и во женска конкуренција (ТОП 9), но Металург не го искористи право за настап.

На состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ беше прифатен новиот начин на бодување за штотуку завршената сезона, која треба да биде земена во предвид за рејтингот во 2021/2022 (2017/2018, 2018/2019, 2019/2020), иако ЕХФ не го открива начинот како се формира рејтингот.

Кај мажите, сосема сигурно остануваме со висок рејтинг, иако нема да биде трето место и ќе има пад, но ќе биде доволно за директно место во ЛШ и сезоната 2021/22 Ќе се смета учеството на Вардар на ф4 во 2018, како и титулата во 2019, но и осминафиналето во штотуку завршената сезона. За подобар ранкинг ќе треба да се погрижат и другите македонски претставници во Европа покрај Вардар – Металург, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје, Охрид…Унгарија и Шпанија лесно може да ја минат Македонија на рејтинг листата, но би требало да останеме во ТОП 5 во машка конкуренција.

Кај дамите, пак, ќе остане само да се смета уште последната сезона кога ЖРК Вардар беше на завршниот турнир во ЛШ, па може да се очекува дека Македонија може да испадне од ТОП 9 и да го загуби директното место во ЛШ.

Но ниту директните конкуренти Шведска и Словенија немаа забележителни резултати во последните три сезони, па може да се случи да останеме на граница на државите кои добиваат место во ЛШ, односно на 9 место. Тоа значи дека следната година 2021/22 би можела да биде и последна шанса за некоја женска екипа од нашата држава да се натпреварува во елитното натпреварување.