Новиот прволигаш стартуваше со убедлива победа

Новиот прволигаш, екипата на Мулти Есенс во својот прв официјален натпревар без многу проблеми забележа победа против тимот на Шампион со 13 гола разлика, 39:26 (20:11).

Избраниците на Бранислав Ангеловски победата ја обезбедија уште во првото полувреме, во кое успеаја да постигнат 20 погодоци. Домаќините во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода во речиси целиот натпревар беа во предност.

Ракометарите на Шампион во воведниот дел во два наврати беа во водство, водеа со 1:0 и 2:1, а домашниот состав со серија од 5:0 поведе со 5:2 и од тој момент започна да го полни голот на гостинскиот состав. Мулти Есенс до крајот на првиот дел ја зголемуваше својата предност и на полувреме замина со девет гола разлика, 20:11.

Второто полувреме, кое повеќе беше формалност, резултатски не донесе никаква промена. Шампион сѐ почесто грешеше во нападите и им овозможуваше на домаќините да постигнуваат лесни погодоци. Дебитантот во прволигашкото друштво без проблеми ги одигра и вторите 30 минути, во кои повеќе шанса имаа останатите ракометари од домашната клупа.

Најефикасни во победничката екипа беа Тодор Узунчев со осум и Александар Грујевски со шест погодоци. Во составот на Шампион се истакнаа Александар Велјановски и Христијан Сибиновски со по седум гола.

Во следното, второ коло, Мулти Есенс ќе гостува во Свети Никола кај Овче Поле, додека Шампион ќе ги бара првите бодови против екипата на Кичево.