Нов шок за ѓорчепетровки: Овче Поле СУ без респект кон големиот фаворит

Екипата на Овче Поле СУ направи вистинска сензација на домашен терен и успеа да го совлада големиот фаворит Ѓорче Петров со 23:21. На овој натпревар беа покажани вкупно 20 исклучувања, два црвени картони за домашната и еден за гостинската екипа, како и 17 седмерци, од кои девет за Овче Поле и осум за гостинскиот тим од Ѓорче Петров.

Ракометарките на Овче Поле СУ одиграа одлично прво полувреме и покажаа дека можат да се носат со секој противник. Гостинките од Ѓорче Петров беа целосно изненадени и не можеа да најдат решение за расположената ракометарка, Вучевска која беше незапирлива на теренот.

Во првиот дел и двете екипи се менуваа во водство, но составот на Овче Поле СУ во последните петнаесетина минути создаде солидна предност и замина со три разлика на полувреме, 12:9.

Во второто полувреме, Овче Поле СУ остана без двете стандардни ракометарки, Јована Конева и Диана Димова кои заработија црвен картон поради претходните три исклучувања. Тоа не ги зголеми проблемите на домашниот состав кој во 45. минута имаше предност од 16:14.

Во 42. минута, Ангела Јанкуловска, мораше да се пресели на трибините поради трите исклучувања. Вистинска драма се случуваше во последните десет минути при водство на екипата на Овче Поле СУ.

Ѓорче Петров изедначи на 18:18, а до последната секунда, домашната екипа не се предаде и успешно ги заработи бодовите на своето конто. Во последната минута се влезе во егал завршница кога Василева намали на 21:22, но домашната ракометарка, Павловска ги постави конечните 23:21.

Најефикасна на натпреварот беше Елена Вучевска која постигна дури 14 гола. Во екипата на Ѓорче Петров прв стрелец беше Ана Марија Коларовска со седум гола. Во следното коло, Ѓорче Петров оди на поправен против Астибо, додека екипата на Овле Поле СУ гостува во Автокоманда кај Металург.