Николоски и Роглев диригираа, Младост Богданци со полн плен од кај Драчево

Екипата на Младост од Богданци предводена од кадетскиот репрезентативец Антонио Николоски и искусниот Никола Роглев, славеше против Драчево со 29:28, во натпревар од 3. коло од плеј-оф фазата во Првата лига.

Младост со освоените бодови се врати во игра за евентуален пласман меѓу најдобрите три екипи во прволигашката конкуренција. Првопласираниот и второпласираниот обезбедуваат директен пласман во Супер лигата за следната сезона, додека екипата која ќе заврши на 3. позиција ќе игра бараж за елитата.

Гостите од Богданци во воведните десет минути успеаја да се наметнат и да изградат убедлива предност. Лошиот почеток на домаќинот беше причина Младост да има 8:1 во воведниот дел. Ракометарите на Настески немаа решение за играта на гостите, иако во одредени моменти се обидуваа да заиграат поангажирано, сепак, одиграа лошо во првите 20 минути. Драчево стопи дел од високата предност на ривалот, најголемата изнесуваше седум гола, и на пауза замина со негатива од 16:12.

Продолжението беше поинаква приказна, бидејќи домашниот табор резултатски се доближи, но во ниту еден момент не успеа да го израмни резултатот, заостануваше на еден до три гола негатива. Домаќините пропуштија безброј ситуации за целосен камбек и грешките во клучните моменти ги чинеа пораз.

Најефикасен во победничката екипа беше Антонио Николоски со десет погодоци. Кадетскиот репрезентативец на Македонија одигра одлично во двата правци на теренот. Никола Роглев дуелот го заврши со пет погодоци, по четири постигнаа Ѓорѓе Ѓуриќ и Илија Чрчев.

Во следното, 4. коло, тимот на Младост за ривал го има Астраион, додека Драчево ќе му гостува на Шампион.