Николовска: Фокусирани сме на нашата игра, не го потценуваме Тиват

Македонскиот шампион Ѓорче Петров на 24 септември ќе го започне учеството на европска сцена.

Тимот на Симе Симовски во минатата сезона стигна до осминафиналето во третото по квалитет европско натпреварување и во оваа сезона посакува да оди чекор подалеку.

Сепак, за остварување на целта, најпрво треба да се елиминира црногорскиот суперлигаш Тиват, кој ќе го има дебитанскиот настап во Европа.

Една од поискусните во составот на Ѓорче Петров, Анастасија Николовска, истакна дека заедно со нејзините колешки се претпазливи за дуелите со црнгоорскиот тим.

,,По анализата која на направивме забележавме дека има промени во ростерот на Тиват, бидејќи покасно им започна сезоната во црногорскиот шампионат. Ние имавме прилика да анализираме само еден меч од екипата. Со оглед на тоа, првенствено и најбитно се фокусираме на нашата игра, во двобојот со Тиват влегуваме максимално посветено, без никакво потценување на противникот. Познавајќи го црногорскиот ракомет, фаворитот не може да се знае отсега. Ние ќе дадеме сѐ од себе за да обезбедиме пласман во следниот круг”, изјави Николовска.

Доколку Ѓорче Петров го елиминира Тиват, тогаш македонскиот шампион ќе се пласира во третата рунда.

Првиот дуел меѓу Ѓорче Петров и Тиват ќе се одигра на 24 септември во спортската сала „Автокоманда“ со почеток од 18:00 часот. Реванш средбата е закажана за 1 октомври во Тиват.