„Никого не потценувам, но 24 гола од Финска на домашен терен се премногу“

Ракометарите на Србија успешно ги стартуваа квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, откако во Нови Сад беа убедливи против селекцијата на Финска со 34:24.

Селекторот на Србија, Тони Херона во текот на целиот натпревар имаше можност да проба разни варијанти и комбинации, но исто така и да ги провери квалитетите на младите Милош Кос, Лука Роган…

Екс ракометарот на Вардар, Мијајло Марсениќ, кој во натпреварот против Финска имаше 100% реализација, три гола од исто толку обиди, истакна дека не е задоволен од играта во одбраната истакнувајќи дека 24 примени гола од Финска се дури премногу.

,,Јас, ја очекував оваа победа, но не сум задоволен од играта во второто полувреме каде имавме пад во концентрацијата, не потценувам никого, но 24 гола од Финска на домашен терен мислам дека се премногу. Со оглед на тоа дека трениравме краток временски период, сметам дека одигравме добар натпревар, посебно во нападот, секако имаше и грешки, но имавме само два тренинзи и во репрезентацијата има нови ракометари на кои им е потребно време за прилагодување. Првата цел е остварена, сега одиме и на победа во Словачка”, изјави Марсениќ за „Балкан Хендбол“.

Србија на 16 октомври во Кошице ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Словачка.