„Не разбирам зошто сè уште не е откажан фајнал форот во Келн“

Ракометарката на Ростов Дон, Владлена Бобровникова за руските медиуми го коментираше откажувањето на завршниот турнир од Лигата на шампиони за жени.

Ширењето на коронавирусот не престанува, а тоа создава многу проблеми. Според мислењето на левиот бек на Ростов најдобро е што завршниот турнир беше откажан, но не ја разбира одлуката да нема откажување на машкиот турнир.

„Најпрво бев тажна после откажувањето на завршниот турнир, но потоа сфатив дека здравиот разум победи. Многу екипи ги сменија своите состави, на пример Грас Заади обезбеди пласман на фајнал фор со Мец, а ќе настапеше со Ростов. Покрај тоа Луис Абинг и Јулија Бенке воопшто не би играле. Најрационалниот избор е да се започне нова сезона. Сепак не разбирам зошто сè уште не е откажан фајнал форот во машка конкуренција“, рече Бобровникова за „Брз Центар“.

Завршниот турнир во женска конкуренција требаше да се игра во септември со најдобрите осум екипи, но беше откажан поради коронавирусот, додека машкиот би требало да се игра на крајот на декември и останува неизвесно дали ќе се одржи.