„Не е точно дека сум доаѓал пијан на тренинг, нека зборуваат што сакаат“

Хрватскиот голман Иван Пешиќ неочекувано пред неколку месеци остана без клуб, откако Мешков Брест му го раскина договорот, наводно поради „медицински“ причини.

Тој веднаш најде клуб и се пресели во Штутгарт, а во интервју за рускиот портал „Брз Центар“, откри дека не бил среќен во последните месеци во Брест.

„Последните неколку месеци екипата играше лошо, затоа расположението беше лошо кај сите. Не се чувствував среќен, но не беше лесно да заминам после толку долго време во Брест. Уште повеќе што минатата сезона игравме одлично и се беше супер. Во Белорусија ми останаа другари, но тоа е животот на спортистите. Не е точно дека сум доаѓал пијан на тренинг. Нека зборуваат што сакаат. Ништо не може да се врати назад. Јас не сум ниту прв, ниту последен што заминал на тој начин. Своевремено Брест ги раскина договорите со Шпилер, Игропуло…не сакам повеќе да зборувам за Брест, се уморив од таа тема…“, вели Пешиќ.

По завршувањето на сезоната со Штутгарт, хрватскиот голман ќе се пресели во францускиот Нант со кој потпиша договор на две сезони.