Несреќен пораз од Швајцарија: Македонија остана со празни раце во последните секунди!

Женската кадетска репрезентација на Македонија загуби несреќно од Швајцарија со гол од пенал во последните секунди, 32-31 и ќе се бори за 15 место на Европското првенство што се одржува во Црна Гора. Ова беше натпревар на кој нашите кадетки имаа и водство од три гола, 29-26, но немаа сили да го задржат во финишот.

Македонија отвори со предност од 4-2, но следуваше период од пет минути без наш гол, па ривалот со серија од три гола направи пресврт и поведе со 5-4. Се играше гол за гол, па беше 8-8, пред Младеновска да ни донесе водство, 10-9.

Повторно црна дупка во нашиот напад и Швајцарија почна да ја презема контролата, имаше и плус три, 14-11, но избраничките на Кристијан Грчевски се вратија во игра и на пауза се замина со гол негатива, 15-14.

На стартот на вториот дел Македонија израмни, се играше гол за гол, иако и двете репрезентации има свои шанси да поведат со повеќе од еден гол. Сепак тоа се случи дури во 47. минута.

Тогаш Младеновска со голот од пенал ни донесе плус два, 27-25, а подоцна беше и 28-26. Добро функционираше играта „седум на шест“ со два пивоти – Мифтари и Трпеска, па Македонија се одлепи на плус три, 29-26.

Еден превид од клупата беше казнет со исклучување, и гол од Швајцарија, потоа не погодивме и пенал, но Гошевска запре еден зицер на ривалот. Младеновска одново не реализира пенал, па казната следуваше и на седум минути до крајот беше 29-28.

Швајцарија израмни по една наша грешка на 29-29 и се мораше од нула. Ние не искористивме три напади за водство, но исто така и ривалот, кој сепак погоди на две минути до крајот од контранапад за 30-29. Младеновска врати за реми, 30-30.

Мифтари доби исклучување, па Македонија беше со играч помалку до крај на мечот. Имавме напад на минус еден, 31-30, кога остануваа уште 40 секунди за играње. Кралева израмни од тешка позиција, 31-31.

Швајцарките успеаја да изнудат пенал во последните секунди од мечот, кој беше реализиран и мечот заврши со нивна победа. Младеновска имаше девет гола, пет даде Трпеска, додека по четири реализации запишаа Кралева, Миленкоска и Котевска.

За кадетките утре останува да го одиграат дуелот за 15 место на ЕП против поразената селекција од дуелот меѓу Португалија и Исланд од 13:30 часот.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!