Ненадиќ: 60 минути фокус за успех против актуелниот првак

Ракометарот кој на првата средба против Вардар постигна пет гола, Петар Ненадиќ верува дека ќе можат да одработат добра средба во Скопје и дека утре имаат шанси да си заминат со бодови од СЦ „Јане Сандански“.

„Ни претстои натпревар против актуелниот освојувач на Лигата на шампионите и нема да биде лесно. Одигравме неверојатен натпревар на домашен терен, но ова ќе биде сосема друг натпревар и сосема поинаков така што нема да биде лесно. Мораме да останеме фокусирани во текот на сите 60 минути доколку сакаме да постигнеме добар резултат. Не смееме да се опуштиме ако сакаме да се вратиме со бодови, а мора да бидеме максимално концентрирани. Шансите постојат, но мораме да ги искористиме“, коментира Ненадиќ.

Средбата утре се игра од 17 часот, а ова ќе биде максимално интересен меч и од голема важност за двете екипи.