Ненадиќ го замолкна Гудме: Веспрем во самиот финиш ги скроти полетните Данци

Веспрем со победа и нови два бода се враќа од гостувањето во Данска кај Гог Гудме, откако во рамките на 4. коло од групата А во Лигата на шампионите го совлада данскиот шампион со 31-30(16-14). Во интересен натпревар фаворизираниот унгарски претставник не брилираше, но одигра доволно за да ја обезбеди првата позиција во групата по 4 одиграни кола.

Полетните домаќните одлично го отворија овој дуел, добра одбрана брза игра и транзиција и ефикасни голови-технички совршени, беа причина да поведат на овој дуел со два гола разлика. Но како одминуваше времето, Данците се повеќе грешеа во нападот, а несвојствените технички грешки им овозможија на унгарските вицепрваци да се вратат во натпреварот и од средина на првиот дел да ја преземат контролата над играта и резултатот. Мае беше најрасположен во нападот на Унгарците и токму тој со своите индивидуални продори ги одржуваше гостите во овој дуел, од 17. минута Ненадиќ го замени на теренот и во лидерската улога, а Данците немаа решение за играта еден на еден. Затоа на полувреме двете екипи заминаа со минимална предност за гостите од 16-14.

Наместо да ја наметне својата игра данскиот шампион дозволи Веспрем да доминира и да ја успори играта. Токму тоа беше причината и во вториот дел Веспрем да го контролира резултатот. Во оние моменти кога имаше можност за брз гол, Гог успеа да се доближи до противникот и да го израмни резултатот, a по 9 минути игра конечно и да го преземе водството (18-17). Веспрем во еден напад од чисти позиции не успеа на двапати да го совлада данскиот голман, но и Коралес беше успешен на спротивната страна. Затоа по грешката на Веспрем во брз напад Мадсен погоди, за прво водство на домаќините во второто полувреме и тајм-аут за тренерот на гостите, Момир Илиќ.

Во продолжение секоја грешка во напад го чинеше тимот тег на резултатската терезија. Од 41. повторно Веспрем се врати во водство, но имаа големи проблеми во креирање на нападот, а домаќините пропуштија две шанси да ја вратат минималната предност.

Нетрпеливите Данци бргу ги завршуваа своите напади, обично во рацете на Коралес или надвор од рамките на голот и тоа беше причината зошто Веспрем имаше минимална предност. Гостите ја одржуваа минималната разлика до самиот крај иако ГОГ имаше шанса на пет минути до крај од чиста позиција да постигне гол за враќање на водството, но непрецизниот удар му овозможи на Сипож на спротивната страна да поентира.

Во самиот финиш на натпреварот расположениот дански состав погодуваше од надворешните позиции, а на спротивната страна Мае беше прецизен од линијата за седум метри. Затоа резултатската разлика остана непроменета до 57 минута кога Сипож од линијата за шест метри ја погоди пречката на голот на ГОГ, а на спротивната страна Олсен во трк постигна важен гол за враќање на самодовербата и предноста на домаќините на 29-28. Следуваа две спектакуларни одбрани на голманите на двете страни, а во мешаницата Мадсен дојде до линијата од шест метри и го матираше Коралес за 30-29. Печмалбек ја врати неизвесноста на овој дуел на само шеесет секунди до крајот, кога тренерот на ГОГ го побара последниот тајм-аут.

Но по тајм аутот, нападот на Гог делуваше безидејно, што беше причина за Олсен да направи грешка во чекори. Шансата за победа на Веспрем во последниот напад по тајм аутот на Илиќ ја искористи Ненадиќ. Со фантастичен прецизен гол од 10 метри ја запечати победата на Веспрем со конечен резултат 30-31.

Најпрецизен на дуелот беше Мае со 9 голови од 11 обиди, го следеа Ненадиќ, Нилсен и Лауге Шмид со по 4 погодоци. Кај домаќните Олсен постигна 8 голови, Пилик 6, а Мадсен 5.