Нема натпревари во ЕХФ и Челинџ Купот сезонава, женската ЛШ ќе се доигра во септември! (ФОТО)

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација денеска донесе одлука и за натпреварите во женската Лига на шампиони, како и за дуелите во ЕХФ и Челинџ Купот.

Во машка конкуренција, сите преостанати натпревари од групната фаза во машкиот ЕХФ Куп се откажани, а исто така и завршниот турнир во Берлин, кој требаше да се игра на 29 и 30 август. Во женскиот ЕХФ Купот, како и во двете конкуренции во Челинџ Купот сите натпревари се откажани.

Во женската Лига на шампиони оставен е простор за одигрување на четвртфиналињата во склоп на завршниот турнир во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта. Тие би се одиграле на 3 септември, додека на 5 и 6 ќе се играат полуфиналињата и финалето.

Ако во септември нема услови да се игра Ф4, новиот термин ќе биде во октомври, но тогаш нема да има четвртфинале на програмата, туку директно ќе се игра завршниот турнир со Мец, Брест, Есбјерг и Ѓер, како најдобри екипи од групната фаза.