Немаат ниту сала, а се расадник на еден куп сребрени Хрвати!

Целиот Балкан за време на Европското првенство живееше во ритамот на ракометот со оглед на тоа што сите поранешни републики беа учеснички на настанот во Австрија, Шведска и Норвешка.

Сепак најмногу можеа да уживаат Хрватите кои стигнаа до сребрениот медал, а покрај нив исто толку задоволна може да биде и Херцеговина од каде што потекнуваат дури седум репрезентативци на Хрватска.

Најголемото внимание го имаа избраниците на Лино Червар во својот победнички поход од Грац преку Виена до Стокхолм. Херцеговците можат да бидат многу горди на седуммината кои потекнаа токму од тој крај. Мостарците Иван Карачиќ и Марино Мариќ, Марин Шего кој потекнува од Љубушки и четворицата Меѓугорци, Жељко Муса, Давид Мандиќ, Матеј Хрстиќ и Јосип Шарац. А својата благодарност ја покажаа на пречекот на освојувачите на сребрен медал во својот крај.

Овие седум репрезентативци на Хрватска првите ракометни чекори ги имаат напревено во Зрињски или Извиѓач. Не е изненадувачки квалитетот на ракометарите кои потекнуваат од овие клубови затоа што тоа е плод на многу успешно работење со младите категории. Сепак сениорските екипи во овој момент не постигнуваат некои особени успеси, иако и понатаму остануваат главен расадник на репрезентативци.

Родниот град на Игор Карачиќ, Мостар сеуште нема своја вистинска спортска сала па ракометарите и кошаркарите своите натпревари ги играат во училишна сала. Тренинзите ги одржуваат кога има слободен термин, а тоа често е во доцните вечерни часови кога останатите колеги спијат. Неретко и на едната страна од салата тренира машката екипа, а на другата женската екипа. Истото се случувало и на почетоците на Игор Карачиќ и Марино Мариќ.