Нексе со победа се загреа за дуелот со Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Нексе во рамки од 5. коло од регионалната СЕХА лига се радуваа на втор триумф, откако на свој терен ја совладаа Војводина со пет гола разлика, 36:31.

Српскиот шампион, кој во Нашице допатува со младинци, во речиси најголемиот дел од натпреварот беше во негатива и немаше доволно сили да направи нешто повеќе во овој дуел.

Предводник во победничката екипа беа Лука Мославац со осум погодоци, додека по седум реализации имаа Томислав Северац и Карло Годец.

Кај Војводина одлична партија имаше Бранко Томиќ, кој воедно беше и најефикасен на средбата со девет погодоци. Втор стрелец во клубот од Нови Сад беше 15-годишниот Ѓорѓе Драшко со пет гола.

Нексе е следен ривал на Еурофарм Пелистер во регионалното натпреварување. Доколку избраниците на Јовиќ слават против тимот на Нексе, тогаш сите три екипи би имале по две победи, односно шест бода и за конечниот пласман во А групата би одлучувала гол-разликата.

Дуелот меѓу битолскиот тим и хрватскиот вицепрвак ќе се одигра на 14 март со почеток од 18:00 часот во спортската сала  „Боро Чурлевски“.