Неверојатна партија на Дабески – постигна 25 гола на прволигашки натпревар!

Тимот на Драчево ја прослави седмата победа во Првата лига, откако славеше против Борец со убедливи 56-18. Овој натпревар го одбележа левото крило на Драчево, Филип Дабески, кој ја затресе противничката мрежа дури 25 пати.

Гостите од Велес поведоа само на стартот со 1-0, а потоа се беше во знакот на избраниците на Велимир Настески.

До полувремето домашните, кои влегоа ослабени во овој натпревар, направија предност од 23 гола, 28-5. Вториот дел беше само формалност и до крајот се броеја само головите во мрежата на велешани.

Покрај Дабески, во победничкиот тим, двоцифрен број голови постигна и Димитар Петковски, 11, додека кај Борец, Игор Јаневски даде 10 гола.

Драчево сега има 22 бода на втората позиција, додека Борец е убедливо последен без ниту еден освоен бод.