На фудбалски теми со Стојановиќ: Фудбалската еуфорија е сосема различна од другите

Ако вообичајно јуни е месец на ракометот, период кога се одигрува Ф4 турнирот во Лигата на шампиони, завршните дуели за пласман на големите натпреварувања, овој јуни фудбалот е во центарот на внимание на сите спортски навивачи. Македонија за прв пат во својата историја ќе настапи на Европско првенство во фудбал.

Преку Лигата на нации стигнаа до европскиот собир на најдобрите. Покрај иконата од Струмица, Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски, тука се Барди, Елмас, Трајковски, Димитриевски, Адеми…кои сигурно ќе ни донесат радосни моменти на пресметките со Австрија, Украина и Холандија.

Ракометарите и ракометните работници, заедно со цела јавност ќе навиваат и ќе ги поддржуваат фудбалерите на ЕП. Еден од тие што ќе навиваат за Македонија е поранешниот наш репрезентативец, а сега тренер на Охрид – Раде Стојановиќ.

„Со самиот пласман на ЕП, фудбалерите направија еден огромен успех, иако сум од ракометната афела, треба да признаеме дека фудбалската еуфорија е сосема различна од другите. Имаме одлична репрезентација, делуваат хомогено предводени од Пандев и секој наш натпревар ние треба да го доживуваме како успех. Ние сме нација која одма има големи очекувања да се помине група, да се победат сите…Секако е убаво да се надеваме и да посакуваме, но мислам пред се треба да уживаме. Верувам во момците дека ќе дадат својот максимум и ќе не направат горди и среќни“, вели Стојановиќ.

Некогашниот лев бек прогнозира три триумфи на нашата селекција.

„Мојата прогноза за натпреварот Македонија-Австрија е наша победа со 2-1, потоа Македонија-Украина 2-0, а верувам и во триумф над Хоалндија со 1-0“

Тој ќе навива и за Хрватска, како единствена земја покрај Македонија од балканските простори на ЕП.

„Покрај Македонија, ќе навивам за Хрватска како единствени претставници од екс Југославија. А мој фаворит за освојување на титулата, покрај Македонија (се смее) е Англија“.

Фудбалската репрезентација на Македонија својот прв настап ќе го има денес во 18:00 на стадионот во Букурешт против Австрија.