На фудбалски теми со Алушовски: СЕГА Е НАШЕ ВРЕМЕ!

Ако вообичајно јуни е месец на ракометот, период кога се одигрува Ф4 турнирот во Лигата на шампиони, завршните дуели за пласман на големите натпреварувања, овој јуни фудбалот е во центарот на внимание на сите спортски навивачи. Македонија за прв пат во својата историја ќе настапи на Европско првенство во фудбал.

Долги години играње во квалификации за ЕП и СП, менување генерации и селектори…но на крајот генерацијата на Горан Пандев стигна до целта. Преку Лигата на нации стигнаа до европскиот собир на најдобрите. Покрај иконата од Струмица и селекторот Игор Ангеловски, тука се Барди, Елмас, Трајковски, Димитриевски, Адеми…кои сигурно ќе ни донесат радосни моменти на пресметките со Австрија, Украина и Холандија.

Ракометарите и ракометните работници, заедно со цела јавност ќе навиваат и ќе ги поддржуваат фудбалерите на ЕП. Еден од тие што ќе навиваат за Македонија е некогашниот тренер на Вардар и Еурофарм Пелистер, легендарниот репрезентативец Стевче Алушовски.

„Македонија за прв пат на фудбалско европско првенство, заслужен историски пласман за оваа генерација фудбалери, очекувам достијно репрезентирање на квалитетот кој македонскиот фудбал го имал низ историјата и го има во моментот. Играчи кој се репрезенти на Македонија во светот да го потврдат својот квалитет преку ова европско првенство. Очекувам пред се да бидеме ТИМ како и секогаш, СЕГА Е НАШЕ ВРЕМЕ!“, вели Алушовски.

Тој очекува дека фудбалерите без пораз ќе ја минат групната фаза.

„На дуелот Македонија-Австрија очекувам наша ПОБЕДА, на вториот меѓу Македонија и Украина исто така ПОБЕДА, а ќе биде одлично ако против Холандија извадиме НЕРЕШЕНО“, продолжи Алушовски.

Македонската легенда нема други фаворити освен Македонија.

„Навивам само за Македонија на ова првенство“, дециден е Алушовски.

Некогашното лево крило не го крие оптимизот, сонува за пласман во финале и титула.

„Финале Македонија – Франција, а победник се разбира кој може да биде“, заврши Алушовски.