„На Македонија и се потребни уште година-две да биде во ТОП 8 на големо натпреварување“

Машката репрезентација на Македонија во јануари ја очекува настап на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка. Еден од ривалите што ќе ги „тестира“ избраниците на Данило Брестовац ќе биде селекцијата на Црна Гора.

Селекторот на оваа репрезентација, Зоран Рогановиќ, смета дека на нашите ракометари ќе им биде потребно уште година или две за да направи забележителен успех на некое големо натпреварување. Тој за босанските медиуми говореше за очекувањата од ЕП од балканските земји.

„Словенија и Македонија се на средина. Понекогаш може да се изненадат како што тоа го направи Словенија на СП 2017. Македонија влезе во период кога и е потребно некое освежување. Тие тоа го почнаа и го работат со новиот селектор Данило Брестовац. Сметам дека се потребни година или две  за да се адаптираат на новите барања во играта и да се пласираат меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа“, изјави Рогановиќ.

Македонија и Црна Гора ќе одиграат контролен натпревар во Словенија на 3 јануари.