НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Вардар се радуваше среде Сегед, третпат обезбеди место во Келн!

На денешен ден, пред една година, Вардар успеа да ги одбрани осумте гола предност од првиот четвртфинален натпревар против ПИК Сегед и да обезбеди трето учество по ред на завршниот турнир во Келн.

На првиот меч одигран во Скопје, Вардар забележа висока победа со 31-23, но ниту таа предност не беше доволна за мирен реванш во преполната сала во Сегед.

Во еден момент унгарскиот тим ја надмина таа предност, но вардар херојски се вратија во мечот.

Избраниците на Роберто Гарсија Парондо на крајот загубија само со четири погодоци, 29-25 и се радуваа на нов пласман на Ф4 во Лигата на шампионите. Игор Карачиќ беше најдобар на тој меч со осум голови, додека Даинис Кристопанс даде пет.