На вечната листа на стрелци во Бундес лигата, тронот го поседуваат двајца странци

Во моменти кога сите првенства веќе добиваат шампиони по административен пат во Бундес лигата уште ја чекаат одлуката.

Затоа, пак, ова е шанса за да се направи некое навраќање назад и да се види кој ракометар има најмногу погодоци во досегашната историја на натпреварувањето.

Во Топ 10 има неколку ракомеари од други земји. На листата се играчи од Исланд, Австрија, Данска и Јужна Кореја.

Меѓу првите десет практично се пет Германци и петмина странци.

10.Уве Генсхајмер – 2103

Во вкупно 13 години играње во Бундес лигата тој има постигнато2103 гола на 367 натпревари. Сезонава успеа да ја надмине границата од 2000 гола откако се врати од ПСЖ каде што играше од 2016 година.

9.Гудјон Валур Сигурдсон – 2108

Еден од најдобрите ракометари на Исланд на сите времиња одигра 425 натпревари во Бундес лигата. Минатото лето од Рајн Некар се пресели во ПСЖ, а на заминување имаше 2108 погодоци.

8.Кристијан Шварцер – 2208

Еден од најдобрите пивоти кои играле за репрезентацијата на Германија на точно 600 натпревари реализираше 2208 погодоци. Ракометарот кој играше за Лемго имаше и две сезони во кариерата во дресот на Барселона.

7.Роберт Вебер – 2249

Мина десет години во дресот на Магдебург, а играше и за Нордхорн. Тој одигра вкупно 397 натпревари во Бундес лигата, а има 2249 гола.

6.Мартин Швалб – 2272

Тренерот на Рајн Некар како ракометар во кариерата играше за неколку екипи. Тој има 495 натпревари,а 2272 гола со што останува меѓу најдобрите и најефикасни играчи во Бундес лигата. Десниот бек рано ја заврши играчката кариера и се посвети на тренерската работа.

5.Ханс Линдберг – 2355

Десното крило на Данска секогаш важеше за еден од најдобрите реализатори на контранапади. Има титули од сите натпреварувања во својата кариера. Во Бундес лигата има 370 натпревари и 2355 гола.

4.Холгер Гландорф – 2429

Еден од ракометарите кои оставија трага во последните години. Десниот бек има настапи за три клуба во кариерата. Играше за Нордхорн, Лемго и Флензбург, а останува да се види дали ќе продолжи да игра или ќе се пензионира на 37 години. Тој има 543 натпревари и 2429 гола.

3.Јохен Фрац – 2683

Крилото на Тусем Есен, Нордхорн и Лемго во 80-тите и 90-тите години на минатиот век имаше забележителни партии. Фрац на 438 средби реализираше 2683 гола во Бундес лигата.

2.Ларс Кристијансен – 2875

Левото крило на Данска, за 14 години во периодот од 1996 до 2010 година во дресот на Флензбург имаше неверојатни партии. На 457 натпревари тој реализираше дури 2875 пати со што успеа да се најде на 2. место на вечната листа.

1.Кјунг Шин Јо – 2905

Легендарниот ракометар од Јужна Кореја кој долго беше неприкосновен најефикасен стрелец на еден Мундијал додека Лазаров не го симна во 2009 година е без конкуренција во Бундес лигата. Тој има 2905 гола, а истите ги има постигнато на 406 натпревари во период од десет години во дресот на Гумерзбах.