Најтешко беше да си битолчанец кој игра во скопски тим и гостува во Битола

Покрај интернационалната кариера, Бранко Ангеловски го има носено дресот на трите најголеми македонски клубови Пелистер, Вардар и Металург, и во сите три средини неговото име е запишано и на првите шампионски титули.

Беше дел и од Пролет, играше во Франција, Обединетите Арапски Емирати, а кариерата ја заврши во Романија.

„Во сите дресови се сеќавам само на најубавите моменти, се обидувам да се држам на позитивните работи. Лошите моменти ги чувам во некој фолдер што може подолу во меморија и ако треба да го барам да потрошам многу време и да не излезе на површина. Почнав во Пелистер и мислам дека таа школа која ја минав сега недостасува во ракометот и најблизу до тоа беше Металург со Лино Червар. Филтерот во Битола беше најважен, но на почетокот како младинец немав место да напредувам, бев 18ти играч во првата екипа, па заминав за Скопје. Дојдов во Вардар како младински репрезентативец и среќен сум што можам да кажам дека сум бил дел од тимот на Вардар кој по осамостојувањето ги освоил првите шампионски титули. Во 1997 година го освоивме Купот на Македонија, немав ни 20 години, а потоа во 1999 Вардар стана шампион на Македонија и јас имав голема улога… Една полусезона играв и за Пролет. Од Вардар заминав затоа што ми пречеше да играм лево крило, мислев дека можам многу повеќе да дадам како среден бек. По една полусезона во Пролет, тогаш веќе како А-репрезентативец добив понуда од Загреб и и ден денеска сум благодарен што управата на Пролет имаше слух и ја разбра мојата желба и ме пушти да одам без никаков проблем, како слободен играч иако имав уште година ипол договор. Од загреб се вратив дома, во Пелистер, во период кога клубот четири години немаше трофеј. Направивме добра екипа таа сезона и донесовме двојна круна, која беше последна за Битола. Интересно е што таа сезона на битолски клуб спонзор му беше скопскиот градоначалник, Трифун Костовски. Тој јасно даде до знаење дека ќе помогне една сезона додека управата на клубот да најде начин да направи буџет за следната. Освоивме двојна круна, но наместо да продолжиме како европски клуб, сите си заминавме. Јас требаше во ’пакет’ со Ванчо Димовски и Мојсовски да продолжам во Вардар, но Металург беше поупорен. Тогашниот тренер Јовица Цветковиќ лично ме побара и се договоривме. За две години во Металург освоивме сè што можеше да се освои. Одново првата шампионска и Куп титула на Металург поврзани со името на Бранко Ангеловски, кој тие години беше и МВП на Купот и на првенство, а и од РФМ бев прогласен за најдобар играч. Тоа е времето во кое бев најмногу играчки исполнет… Во тоа време ривалитетот меѓу Скопје и Битола беше многу голем. Беше тешко од Битола да бидеш прифатен во Скопје, а уште потешко, битолчанец кој игра во Скопје и гостува во Битола. Сега го нема тој притисок“ – се потсетува Ангеловски.

ИНТЕРВЈУ БРАНИСЛАВ АНГЕЛОВСКИ: Не прифаќам споредна улога, треба да бидам важна ’алка’ за да му се вратам на ракометот!