Најдобар млад играч на полусезоната – Марко Митев: Само со работа можам да го постигнам тоа што го сакам

Специјализираниот портал за ракомет - www.24rakomet.mk традиционално го организира изборот за најдобар тим на полусезоната во домашното првенство. Во Изборот учествуваат публиката (читателите преку онлајн гласање), редакцијата на 24ракомет и новинари кои ги следат ракометните случувања во Македонија. Со собирање на сите гласови се избираше најдобриот тим од седум играчи, најдобриот тренер, дефанзивен играч, млад играч, странец... Во соработка со нашиот партнер Jamieson најдобрите добија и мали подароци...

На младите светот останува, и сосема природно е да постои смена на генерации. Едни заминуваа од ракометната сцена, други настапуваат. Во генерацијата што доаѓа и се наметнува е Марко Митев, играчот на Бутел. Тој во изборот на 24Ракомет ја доби наградата за најдобар млад играч на полусезоната.

Уште лани летоска го сврте вниманието на себе кога се играше кадетскиот ЕХФ шампионатот во Скопје. Сега се почесто има сериозни задачи во нападот на Бутел, а скопскиот тим секако е среќен што има таков бисер во своите редови.

„ Пред се сакам да се заблагодарам на сите кои гласаа. До овој момент, немам освоени големи награди. Ова ми значи многу и е голем мотив да работам повеќе на мене, бидејќи само со работа можам да го достигнам тоа што го сакам, вели Митев за добиената награда.

Минутажата на Митев постојано се зголемува, а тој секако возвраќа за укажаната доверба на тренерот и клубот. Сезонава сите екипи имаат повеќе натпревари за играње, и неизвесноста е на сите мечеви. Секој може секаде да победи.

„Имаше навистина добри натпревари во есенскиот дел од сезоната. Би го издвоил натпреварот против Охрид на гостински терен. Иако, таму изгубивме со еден разлика, сепак, сите се боревме како една екипа, сите за еден, игравме со срце во текот на целиот натпревар и овој натпревар би го издвоил како еден од подобрите, смета Митев

Младиот бек на Бутел сега е на радарот на повеќе клубови. Му завршува договорот со скопскиот тим, и тој е на слатки маки. Каде да продолжи?

„Уште сезонава имам договор со Бутел, за следен период не сум размислувал, има голем број на понуди од странство и од нашите клубови. Можеби ќе одам во странство, не е ништо сигурно. Како што гледам во последно време и во македонските клубови многу се вложува во млади ракометари, има повеќе такви клубови, така што не е избежно и да останам тука. Во нашите клубови има голем простор за напредок на младите, вели Митев.

Штотуку почна плејофот во домашното првенство. Присуството на Вардар и на Еурофарм Пелистер од самиот почеток на сезоната придонесува за поинтересни мечеви, поголема заинтересираност.

„Со играњето на Вардар и Еурофарм Пелистер во регуларниот дел, мотивот е голем и овие екипи ја прават лигата уште посилна бидејќи има поголем број на натпревари. Оваа сезона, плеј-офот ќе биде доста квалитетен, но и многу тежок. Секако очекувам добар резултат со Бутел“, вели Митев.