Начевски – Николов: Во светот го препознаваат и ценат нашиот квалитет

Со години се во врвот, европскиот и светски, а плодовите на нивниот труд и пред се вредноста доаѓаат постојано. Последен во низата успеси на Славе Николов и Ѓорѓи Начевски е делењето на правдата на финалето на 28. Светсо првенство во ракомет што викендов заврши во Шведска. Иако македонската репрезентација потфрли и го освои 27. место, Николов и Начевски во Македонија донесоа „злато“.

Ова беше трето „големо финале“ во низа за нашите судии. По ЕП 2020 и ЛОИ 2021. Респектабилно, квалитетно и перфектно ја завршија задачата во Стокхолм каде златото го освои Данска по триумфот над Франција. А тие зад себе имаа многу финалиња и важни мечеви не само во Македонија, туку и на младински светски и европски првенства, азиски и африкански првенства, дерби средби во различни земји…

Начевски е претседател на судиската организација во Македонија, а Николов до пред почетокот на сезонава ја имаше улогата на комесар на Супер лигата. Но, потоа замина од тоа место каде сега наместо комесар постои комисија. Двајцата до Стокхолм стигнаа преку „Радовиш, Неготино и Куманово“ каде сезонава често делеа правда во првенството на Македонија. Не добија да судат дерби во Македонија, ама затоа беа на најважниот меч во светот, финалето во Шведска.

Веќе ги имаат сите важни финалиња во „витрините“, иако им останува уште нешто за да биде „се комплетно“.

„Со оглед на фактот дека Олимпијадата е највисок ранг на натпреварување мислам дека тоа финале ни е круна на кариерата. Но знаејќи дека во 2020 година во судевме финалето на ЕП, ни остана желба да заокружиме и со финале на Светско првенство. Ова го остваривме со финалниот меч на СП и ги остваривме нашите желби да биде заокружена една богата кариера што се однесува до репрезентативните натпреварувања. До комплетно реализирање на планот, останува уште да добиеме финале во Лигата на шапионите и со тоа би се ставило црта на една успешна кариера што започна на меѓународна сцена во 2005 година“, вели Николов.

Судиите се тие што најчесто се критикуваат за некоја одлука, за некоја недосудена топка, дека не успеале се да видат. Но, Македонците никогаш немаат дилеми околу одлуките што ги носат.

„Јас сум презадоволен, потајно се надевавме дека ќе го судиме финалето. Да бидам искрен и не претерувам, што се однесува до судење никогаш не сум бил во дилема при донесување на некоја тешка одлука, секогаш сум 100% сигурен, немаме никаков проблем што се однесува до судењето. На пример, на Европското првенство во финалето со чекорите на Карачиќ навистина беше тешко да се досуди, тоа беше дилема дефинитивно. Имавме најпозитивни коментари на Светското првенство, максимална поддршка од ИХФ и најпозитивни коментари за секој натпревар“, вели Начевски.

На ова СП, притисокот беше дополнително голем, бидејќи данските медиуми уште на самиот почеток дополнително притискаа со текстови за наводни местенки кои датираат од пред неколку години. За тоа се огласија и ЕХФ и ИХФ, а потврдата за спортскиот карактер на Николов и Начевски стигна со делегирањето во финалето.

„Во нашата кариера имаме отсудено многу вакви натпревари меѓу големи екипи и репрезентации, но самата ситуација беше спеицифична и затоа требаше максимална концентрација за да докажеме дека заслужено е сето тоа што досега го имаме одработено. Имаше различни притисоци кои никогаш не влијаеа во нашето судење“, вели Николов.

Во богатата меѓународна кариера на македонската двојка која трае од 2005 година, им недостига уште финале во машката Лига на шампионите. Вардар сезонава сигурно нема да биде учесник на Ф4, па шансите да ги видиме Николов и Начевски во Келн се големи.

„Фактот дека ги судиме сите значајни натпревари на големите натпреварувања кажува за нашиот квалитет. Да не бидам скромен, ќе наведам дека имаме судено на четири младински СП, со едно финале 2010 година во Кореја, едно младинско ЕП, шест сениорски ЕП од 2012 па наваму, потоа седум сениорски СП од 2011 година па наваму. Досега сме биле три пати и на завршницата во Лигата на шампионите, но ни недостига финале. Имаме судено и на завршниците на Азиско и Африканско првнество, како и на Ф4 во ЕХФ Купот и во Купот на победниците на Куповите. Потоа тука се учествата на Супер Глоуб, како и на трите Олимписки игри од 2012 година па наваму. После сите овие и уште мал милион други натпревари на турнири и други натпреварувања како регионалната машка и женска лига, мислам дека заслуживме едно вакво признание да го отсудиме финалето. Огромна благодарност до ИХФ и до првиот човек на Судиската Комисија, Пер Мортен Содал, за искажаната доверба и за комплиментите на наша адреса“, вели Николов.

Македонците судеа на шест меча на овој Мундијал, а велат дека покрај физичката, многу важна е и психичката подготовка.

„Судевме два меча од групната фаза, два натпревари од главната рунда, еден дуел од разигрувањето и секако финалето. Треба и психички и физички да си подготвен за да можеш да го издржиш ритамот во 23 дена плус подготвителниот дел што го имавме во Варшава со сите тестови и предавања. Плус тука се и патувањата од Малме, Кристијансанд, Гетеборг, Краков, Гдањск и Стокхолм. Не е лесно да се патува секој втор ден и да се отсудат квалитетно шест тешки натпревари меѓу кои имаше разни притисоци. Секако дека е напорно, но нас не водеше една цел и го остваривме тоа што го планиравме“, вели Николов.

Со Николов се согласува и Начевски, кој смета дека одлуката се носи во движење во секунда и не смее да има грешки.

„Секако дека и физичката подготвеност има влијание, треба да си перфектно спремен во физичка смисла и што повеќе си подготвен, тоа значи дека и психички си подготвен да донесеш одлука во последен момент. Треба во движење да донесеш одлука, нема ништо статично денес“, вели Начевски.

Нивната улога на домашна сцена оваа сезона не е голема, бидејќи не добиваат многу делегирање од Комисијата за натпревари во македонската куќа на ракометот. Повеќе се ценети надвор отколку во татковината.

„За домашната сцена не би сакал да коментирам бидејќи добрите познавачи на ракометните случувања се добро запознати со целата ситуација и ќе оставам тие да коментираат“, вели Николов.

Начевски го погодува фактот што повеќе се ценети надвор отколку дома, но смета дека од друга страна тоа што нивната улога дома е минимизирана, ќе биде добро за клубовите и навивачите да сфатат колку значи кога тие двајца се на терен,

„Како да не те погодува тоа кога секој и секаде повеќе те цени, освен дома, македонската работа, но можеби требаше малку да се тргнеме и да не тргнат на страна, да видат и клубовите и навивачите колку значиме ние со нашето судење и да знаат што е судење“, заврши Начевски.