Начевски и Николов открија: Колку заработуваат судиите на ЕП, СП и во Лигата на шампионите?

Најдобрите македонски судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов во моментов не се активни на терените, кога сите ракометни првенства се прекинати.

Тие имаат најмногу работа во април и мај, кога се работи за Лигата на шампионите и домашната Суперлигата, но веројатно ќе мора да почекаат за нови делегирања.

Начевски и Николов беа делители на правдата на финалето од Европското првенство во јануари меѓу Шпанија и Хрватска и добија одлични критики за сработеното. Тие открија колку заработиле на ЕП, а колку заработуваат во Лигата на шампионите и во домашната конкуренција.

„Не може од судење ракомет да се живее. Судиските такси во Македонија по малку е срамота да се кажат. Во поранешните ЈУ-републики, во Словенија судиската такса е од од 300 до 350 евра за домашно првенство, во Хрватска од 200 до 250 евра. Во Босна и Херцеговина е 100 евра, а во Србија 130 евра. Уште од 1992/93 судиската такса во Македонија беше 100 марки или сегашни 50 евра и од тогаш е зголемена за 1000 до 2000 денари и во работни денови имама плус дневница од 600 денари. Далеку сме позади сите, иако ракометно сме пред сите земји од поранешната република. Со една сезона судење не можете да купите ниту опрема“, открија нашите судии во емисијата Арена.

Ниту Европската ракометна федерација не е многу дарежлива кога се работи за натпреварите од големите натпреварувања.

„Во Европа исто така таксите се мали, натпревар од Лига на шампиони судиме за 400 евра, Европско првенство судиме 60 евра од ден, многу ги интересира луѓето колку пари земаат судиите. За 20 дена, 1200 евра дали ќе судиме или не – тоа е. Слична е и таксата за Светско првенство и Олимпијада по 100 франци од ден. Заради ова и во Европа има голем недостиг на судии. На судиите од запад не им се исплати да одат да судат“, завршија Начевски и Николов.