„Научив многу од Лино Червар и од Игор Котевски, Металург е едно големо семејство“

Средниот бек на Металург, Лука Стојановиќ пристигна во Скопје во 2018 година кога тренер на екипата беше Лино Червар. Со тимот од Автокоманда Стојановиќ имаше можност да се натпреварува во Лигата на шампионите и СЕХА лигата..

Во интервју за српскиот rukometnizurnal.com, Стојановиќ говореше за повикот од Червар да дојде во Металург и за животот во Скопје, но спомена и на кој тренер му должи многу за неговиот напредок во кариерата како играч и воопшто како човек.

„Имав проблеми со повреда и многу сум им благодарен на лекарите кои ми овозможија да ја надминам. Тогаш стигна понудата од Лино Червар наредната сезона да играм во Металург. Бев воодушевен да играм под водство на таква ракометан легенда и не се двоумев воопшто. На мое големо задоволство одлично се вклопив во младиот тим. Со нив играв во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Голема улога за моето созревање како играч и човек има некогашниот репрезентативец и легенда на македонскиот ракомет Игор Котевски. Во Скопје ние сме едно големо семејство, можам да кажам дека тоа е братски клуб“, коментираше Стојановиќ.

Лука Стојановиќ пристигна во Металург откако претходно до 2016 година настапуваше во првенството на Чешка, во Талент Плзен. Но откако имаше проблеми со повреда ја пропушти наредната сезона, а потоа се приклучи на тимот на Лино Червар.