Направија најголем успех за машкиот ракомет, па добија орден за заслуги од претседателот (ФОТО)

Машката репрезентација на Црна Гора го направи најголемиот успех во својата историја освојувајќи го 11 место на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Зоран Рогановиќ и неговите избраници беа едно од изненадувањата во групната фаза на континенталниот собир, додека во главната фаза немаа доволно сили да направат чекор плус.

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ реши да ги награди црногорските ракометари и да им додели орден за заслуги од втор степен во чест на достојното претставување на државата на Европското првенство.

Меѓу наградените ракометари беше и голманот на Струга, Никола Матовиќ, кој дадената шанса во Дебрецин и Будимпешта ја искористи на најдобар можен начин и покажа дека може да биде алтернативна замена за Небојша Симиќ.