„Направив грешка што не потпишав за Вардар“

Српскиот голман Владимир Перишиќ, кој со кадетската репрезентација пред петнаесетина години ја покори Европа и светот, ја заврши професионалната кариера на 33 години.

Тој последните две години ги мина во францускиот второлигаш Селеста, а претходно играше и за Маси. Како капитен на Црвена Ѕвезда го предводеше српскиот тим во Лигата на шампионите во сезоните 2006/07 и 2007/08.

„Имав некои понуди од Прва лига, но решив да завршам со префсионално играње ракомет, ќе играм на аматерско ниво во Четвртата лига. Во меѓувреме ќе се занимавам со продажба на електронски уреди од Герамнија, Полска и Шпанија“, вели Перишиќ за српски „Журнал“.

Тој откри дека ја одбил понудата на Веселин Вујовиќ, кога бил тренер на Вардар за трансфер во Скопје.

„Два пати го одбив Веселин Вујовиќ. Ме викна да дојдам во Вардар, но јас претходно се договорив со шпанската Алмерија. Вториот пат кога ме викна, решив да останам во Ѕвезда, по негативното искуство во странство…Беше грешка што не потпишав за Вардар. Жал ми е што не работев со Вујо, бидејќи тој за мене е најдобар тренер во светот“, заврши Перишиќ.

Овој чувар на мрежата е дел од генерацијата кадети што освои злато на ЕП и СП, во Србија и во Катар. Играше заедно со Петар Ненадиќ, Жарко Шешум, Бојан Бељански, Момир Рниќ, Рајко Продановиќ, Добривоје Марковиќ…