Наместо во Бундес лига, одбра да игра во Луксембург

Репрезентативецот на Чешка, Роман Бечвар нема да ја продолжи својата авантура во Германија и во новата сезона ќе настапува за екипата на Ред Бојс Диферданж од Луксембург.

Чешкиот репрезентативец со екипата на Либек одиграа одлична сезона во Втората Бундес лига и клубот се наоѓа пред промоција во најсилната Бундес лига. Сепак, Бечвар се одлучи да настапува во шампионат кој не е толку квалитетен.

Иако се шпекулираше за неговиот трансфер, раководството на клубот од Луксембург ја потврди шпекулацијата и го најави Бечвар како големо засилување за престојната сезона.

33-годишниот ракометар од Чешка со Ред Бојс Диферданж се договори на едногодишна соработка. Освен за Либек, Бечвар настапуваше и за екипите на Росток, Лајпциг и Елффлоренц.

За репрезентацијата на Чешка настапува од 2014 година. Според официјалната статистика на ЕХФ има одиграно 120 натпревари за сениорскиот дрес и постигнато 248 гола.

За екипата на Ред Бојс Диферданж настапуваше и македонскиот интернационалец, Дарко Георгиевски, а тренер на клубот беше и поранешниот селектор на машката репрезентација на Македонија, Данило Брестовац.