Мулти Есенс ја доби драмата во Ѓорче Петров

Дебитантот во новата натпреварувачка сезона во Првата лига, екипата на Мулти Есенс продолжува во победнички ритам во прволигашкото друштво и во натпревар од 4. коло од Групата А триумфираше во дерби дуелот против незгодниот состав на Македонија ЃП со 26:25.

Мулти Есенс во речиси целиот натпревар беше во водство и при самиот крај дозволи домаќините да останат во игра барем за бод. Избраниците на Ангеловски секогаш кога ќе поведоа со три гола разлика во првото полувреме, домаќините доаѓаа до израмнување на резултатот, па така во првиот дел во пет наврати резултатот беше нерешен (1:1, 2:2, 8:8, 11:11 и 12:12) Узунчев, Омерагиќ и Костовски на дебитантот му донесоа водство од 15:13 на полувреме.

Вториот дел од натпреварот донесе интересна игра. Мулти Есенс тргна подобро во продолжението од средбата, но немаше зголемување на водството. Секој напад беше важен и мораше да биде одработен добро. Имаше малку грешки на двете страни, но речиси редовно предноста на Мулти Есенс беше еден до два гола разлика.

Во финишот домаќинот намали на 26:25 и во последните секунди имаше последен обид за да дојде до нерешено, откако претходно Мулти Есенс на двапати не успеа да реализира, но сепак, домаќините не успеаја да се изборат за бод.

Најефикасен во победничката екипа беше Дамјан Митев со седум гола. Кај домаќините се истакна Филип Ролевски со шест гола.