Мулти Есенс продолжи со 100% учинок во дебитанската сезона

Дебитантот во Првата лига, екипата на Мулти Есенс продолжува со 100% учинок во прволигашката конкуренција, откако на гостувањето во Кичево против истоимената екипа триумфираше со резултат 37:23.

Неизвесно беше само во првото полувреме, во кое домаќините рамноправно се носеа со тимот од Скопје, но во вториот дел немаа доволно сили за надигрување.

По големата борба во првиот дел, во кој резултатот најчесто беше нерешен, избраниците на Ангеловски на пауза заминаа со гол предност, 12:11.

Мулти Есенс на почетокот на вториот дел се одлепи на 16:12 и тоа беше само најава за она што ќе следува во остатокот од дуелот. Предноста постојано беше на страната на гостите, кои започнаа од минува во минуда да го зголемуваат водството и веќе во 40 минута ја запишаа новата победа.

Најефикасни во победничката екипа со по десет гола беа Давид Димевски и Димитар Узунчев. Листата на стрелци кај Кичево беше предводена од новото засилување Никола Шипинкоски, кој во голот на гостите реализираше девет пати.